Повторни барања за покачување на платите за 30 проценти, за четири проценти инфективен додаток, бенефициран стаж за целото здравство, како и промена на колективниот договор, упатија денеска задравствените работници од протетси во повеќе градови. Независниот синдикат на здравствените работници ги организираше получасовните протести во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево.
Претседателот на Независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски изјави дека имале средба во Министерство за здраво со шефот на кабинет на министерот.
-Меѓутоа, со нив не можевме да постигнеме договор затоа што не зависи од нив покачувањето на платите, туку од Министерството за финансии. Во овој момент Министерството за здравство располага со многу помал буџет, за разлика од изминатите години, затоа не можеме да ги имаме ниту тие покачувања кои требаше да ги имаме до сега. Во буџетот на здравство нема пари, но има во централниот буџет. Ние гледаме дека овие наши функционери сакаат на некој начин да го смират народот, со најавата дека ќе ги намалат коефициентите на нивните плати, а тоа ќе трае до јануари месец, кога ќе го имаат покачувањето од 300 до 500 евра, фактички тоа нивно покачување ќе биде намалено и тие ќе си останат на истите овие плати кои што ги имаат сега, рече Костовски на денешниот протест.
За следниот чекор Синдикатот ќе расправа дополнително, вели Костовски, но како што рече можна е радикализација на протестите.
-Треба сега во овој момент да ги повикам приватните здравствени установи, односно матичните лекари, да прекинат да даваат упати, без разлика за каде, освен на оние што се со кардиоваскуларни заболувања, онколошки заболувања или дијабетичари, но што ќе стане после? Изгледа единствен начин е тој, бидејќи со оваа Влада не гледам друг спас, рече Костовски.
За премиерот Димитар Ковачевски, барањата на здравствените работници од денешниот протест во целата земја се легитимни, но треба да се гледаат од аспект на можностите.
-Јас знам дека постојат секогаш повеќе синдикати, кои секогаш може да дадат нови барања и легитимни се барањата, меѓутоа мора да бидат ставени и во однос на тоа со што располагаат даночните обврзници. Би кажал дека треба да се видат барањата и во рамките на можностите, во рамките на процесите и процедурите Министерството за здравство да поразговара што е она што може да биде имплементирано. Меѓутоа, она што досега е направено и она што досега е потпишано и реализирано навистина е многу повеќе од она што беше направено во минатото, рече премиерот Ковачевски по посетата на фабриката за сувомесни производи „Мис глобус“.
Тој ги наброја сите досегашни покачувања на платите на здравствените работници за кои имаат потпишано договори со репрезентативниот синдикат, ги спомена платите на специјалистите, кои се зголемени 40 отсто, платите на докторите, на медицинските сестри, на немедицинскиот персонал, кои, според него, првпат биле зголемени во толку голем износ, а потсети и дека до крајот на годината сите ќе добијат и К-15 во износ од 10.000 денари.