ОН: Тројно е зголемен бројот на убиени деца во воените конфликти

Трипати повеќе деца и двојно повеќе жени биле убиени во глобалните конфликти во 2023 година, споредбено со претходната 2022 година, предупредуваат Обединетите нации, а пренесуваат странските медиуми.

Оттаму велат дека бројот на цивилни жртви се зголемил за 72 отсто.

Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк, во обраќањето пред Советот за човекови права на ОН во Женева, изјавил дека завојуваните страни сè повеќе, како што додаде, ги поместуваат границите на она што е прифатливо и легално.

-Тие покажуваат целосен презир кон другата страна газејќи ги човековите права во нивната суштина,рече тој.

Според него, убиствата и повредите на цивилите, како и уништувањето на виталната инфраструктура се секојдневна појава.

-Децата се цел. Болниците се бомбардираат. Цели заедници се напаѓаат со тешка артилерија. Сето ова е придружено со реторика на омраза и дехуманизирање, рече високиот комесар на ОН.

Неговата канцеларија собрала податоци, како што посочи, кои покажуваат дека во 2023 година бројот на загинати цивили во вооружени конфликти се зголемил за 72 отсто.

-Застрашувачки се податоците кои покажуваат дека процентот на убиени жени во 2023 година е двојно зголемен, а процентот на деца тројно во споредба со претходната година, рече тој.

Говорејќи за конфликтот во Појасот Газа, Турк рекол дека е згрозен од непочитувањето на меѓународните човекови права и хуманитарното право и од смртта и страдањето.

Според него, од избувнувањето на војната меѓу Хамас и Израел, повеќе од 120 000 луѓе во Газа, главно жени и деца, се убиени или повредени како резултат на интензивни израелски офанзиви.

-Откако Израел ги ескалираше своите операции во Рафах на почетокот на мај, речиси милион Палестинци повторно беа насилно раселени, додека испораката на помош и хуманитарниот пристап дополнително се влошија, вели Турк.

Укажа и на голем број други конфликти, вклучувајќи ги и оние во Украина, Демократска Република Конго и Сирија.

Според него, заедно со ваквото уништување, се намалуваат и средствата за помош на се поголемиот број луѓе кои имаат потреба.

Претходна вестАвтомобил целосно изгоре на автопатот Скопје – Велес
Следна вестМартин Шулц: ЕУ не испорача почеток на преговорите со Северна Македонија заради „предавството“ на Франција