Муцунски на Генералното собрание на ОН: Ниту една земја не може сама да се справи со новите закани

Светот се соочува со нови закани како конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени. Ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици и потребна е ефикасна мултилатералност за обезбедување на меѓународен мир и безбедност, порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на Самитот на иднината на Интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“, во рамки на 79. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот, истакнал Муцунски во обраќањето.

Воедно, тој нагласи дека иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, нагласувајќи дека злото од војна и конфликти мора да остане во минатото.

– Денес имаме уникатна шанса да ја зајакнеме нашата мултилатерална агенда и глобалните системи, усогласувајќи ги на предизвиците со кои се соочуваме во областа на меѓународниот мир и безбедност. Утре веќе е наша сегашност, додал Муцунски, истакнувајќи ја подготвеноста активно да учествуваме во напорите за зајакнување на мултилатерализмот.

Министерот Муцунски ја истакнал и потребата за промовирање на мултилатерални решенија засновани на Повелбата на ОН, почитувањето на човековите права, владеењето на правото и демократијата, како клучни дипломатски алатки.

Претходна вестПосебен сообраќаен режим низ Скопје
Следна вестСДСМ: Просечната плата се намалува, потфрлија економските политики на Мицкоски