Покрај камерите на улиците во рамки на „Безбеден град“ кои ќе ги ловат прекршоците во сообраќајот, полицајци со возило опремено со специјални камери ќе ги снима погрешно паркираните возила. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека проектот „Безбеден град“ ќе понуди повеќеслојно системско решение за поголема сообраќајна култура.
-Дел од имплементацијата на ‘Безбеден град’ во иднина ‘Безбедна држава’, ќе бидат и возила кои што ќе бидат целосно опремени со паметни камери и при движење во рамки на одредени сообраќајници, улици, ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила. Веднаш истите ќе бидат процесуирани во рамки на системот врз основа на компјутерска обработка на податоците кои ќе бидат внесени во системот, рече министерот Тошковски.
Тој нагласи дека имплементацијата на проектот „Безбеден град“ суштински е веќе почната оти од први јануари годинава при регистрација на возилата се бара сопствениците да остават електронска адреса и телефонски број. За една година, односно до први јануари 2026 година, кога министерот Тошковски очекува да почне да функционира новиот систем за казнување на прекршоците во сообраќајот, ќе бидат собрани податоците од сите возила, што ќе биде основа за новиот систем да почне да функционира.
Пред да почнат на граѓаните да им стигнуваат казни, министерот Тошковски и денес кажа дека ќе има тест период од неколку месеци во кој ќе бидат само известувани за направените прекршоци.
-Очекувам оној тест период кој што го најавивме, бидејќи не ни е целта да ги казнуваме граѓаните сами по себе туку целта ни е да ја смениме сообраќајната клутура и да ги намалиме бројките, да го има. Ќе го имплементираме одреден временски период, неколку месеци граѓаните ќе добиваат пораки, ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а при тоа истиот ќе биде констатиран, ќе се уверат дека системот функционира. Од 01.01.2026 година ќе ги овозможиме законските предуслови тоа да биде онака како што треба да биде, рече министерот Тошковски.
Во тек е измена на пет закони, односно на Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот законик и Законот за извршување на санкции кои се клучни за функционално системско решение.
Измената на законите министерот Тошковски вели дека е прв приоритет за Министерството. Во наредниот месец ќе се работи на измените на законите и министерот очекува на крајот на март веќе да биде готова првичната верзија за во април измените да влезат прво во владина, а потоа и во собраниска процедура.
Паралелно со измените на законите, министерот Тошковски рече дека интензивно работат и на подготовка за изградба на катна гаража во кругот на Министерството за 500 возила и ги повика градоначалниците и сите останати чинители во општеството да го следат примерот и да дадат свој придонес за поголема сообраќајна култура.



