Обдукцијата на новороденчето кое почина на Клиника за гинекологија и акушерство покажала дека причина за смртта е незрелост на белите дробови, информираа денеска од Клиниката. Оттаму наведуваат дека по добиените резултати, семејството било повикано лично да се запознае со сите детали од обдукцискиот наод, кој, како што посочуваат, покажува дека нема физички повреди на ниту еден орган кај бебето.
Од Клиниката информираат дека за понатамошниот тек на случајот Министерство за здравство формирало стручна комисија со цел целосно расчистување на настанот и утврдување на евентуални неправилности во третманот и лекувањето на новороденчето. Во зависност од заклучоците на комисијата, Клиниката ќе постапи согласно сите законски пропишани процедури за евентуално поведување дисциплинска постапка, во рамки на дозволените рокови.
Од Клиниката изразија длабока жалост и сочувство до семејството поради загубата на новороденчето.
Дополнително, на барање на министерот за здравство Азир Алиу, Државен санитарен и здравствен инспекторат иницирал формирање комисија за стручен надзор, која треба да утврди дали имало пропусти во третманот и лекувањето на починатото дете на Клиниката за гинекологија и акушерство.





