На денешен ден во 1935 година, во Њујорк почина светски познатиот научник Михајло Пупин, еден од великаните на физиката и електротехниката, кој остави длабока трага во развојот на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата.
Пупин бил професор по физика и математика на Универзитетот Колумбија во САД, каде дал значаен придонес во областа на електротехниката. Тој го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци, но најголем придонес за човештвото дал со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина.
Студирал математика и теориска физика во Кембриџ, а потоа продолжил во Берлин, каде соработувал со Херман фон Хелмхолц. Под негово менторство докторирал со труд на тема „Осмотскиот притисок и неговиот однос кон слободната енергија“.
Во 1889 година се вратил во Њујорк и станал професор по математичка физика и управник на Електротехничкиот институт на Колумбија. Во текот на својата кариера добил 18 почесни докторати и бил член на повеќе академии на науки, меѓу кои и претседател на Академијата на науките во Њујорк. За автобиографијата „Од имигрант до пронаоѓач“ ја добил Пулицеровата награда во 1924 година.

Поврзаноста со Македонија
Според потомците на родот Пупин, семејството има македонски корени и се доселило во Вевчани од Москополе, каде живееле православни македонски и влашки родови. Самиот Пупин често нагласувал дека неговите родители потекнуваат од охридската околија, од западната страна на Охридското Езеро.
Пупин не ја заборавил татковината на своите предци. Во 1914 година формирал фондација „Олимпија Пупин“, преку која помагал сиромашни деца од тогашна Македонија, меѓу кои имало и ученици од Охрид.
Тој помогнал и во изградбата на училиштето во стариот дел на Охрид, каде денес е сместена музејската администрација. Особено значајна е неговата донација за изградбата на камбанаријата на црквата „Света Богородица Перивлепта“ („Стар Свети Климент“), за која го донирал тогаш најголемото ѕвоно на Балканот, излиено во Љубљана.
Подарил и уште едно ѕвоно, кое и денес постои во Битолско, под Кајмакчалан, во чест на загинатите Македонци на Солунскиот фронт.

Меѓународен углед и признанија
Пупин бил близок со американскиот претседател Вудро Вилсон и активно се залагал за заштита на правата на малите народи. На Париската мировна конференција се залагал Македонија да добие автономија.
Бил член на повеќе академии на науки и уметности во светот, како и член на Српската академија на науките и уметностите. МАНУ и САНУ заеднички го афирмираат неговото дело, а во Вевчани во 2008 година е отворена Спомен-соба во негова чест.
Со својата научна генијалност и хуманитарна дејност, Михајло Пупин останува една од најзначајните личности од светската научна историја со силна врска со македонскиот културен простор.







