Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да добие статус на „придружна членка“ на Европската Унија како преоден чекор кон полноправно членство, со цел да се олеснат мировните напори и да се зајакне безбедноста на земјата во услови на војна со Русија.
Според предлогот, Украина би добила можност да учествува на самитите на Европската Унија и на состаноците на министрите, но без право на глас и без можност за носење одлуки.
Мерц смета дека ваквиот модел би можел да претставува дополнителна политичка и безбедносна гаранција за Киев, додека истовремено би помогнал во процесот на приближување кон Европската Унија.
Германскиот канцелар предложил и земјите-членки на Унијата политички да се обврзат дека ќе ја применуваат клаузулата за заемна помош кон Украина, оценувајќи дека тоа би било важно не само за украинската, туку и за европската безбедност.
Украина моментално има статус на кандидат за членство во Европската Унија, но европските претставници веќе подолго време предупредуваат дека целосното членство не е реално во блиска иднина поради обемните реформи што треба да се спроведат, како и потребата од ратификација од сите 27 земји-членки.
Предлогот на Мерц предвидува и украински претставници да бидат вклучени во работата на Европската комисија и Европскиот парламент, но без право на одлучување.
Германскиот канцелар најави дека за иницијативата ќе разговара со европските лидери во наредниот период.