Државна матура ќе се полага од 29 мај до 14 јуни, информатика и географија првпат во листата на изборни предмети

До крајот на годинава матурантите треба да се пријават каков вид матура ќе полагаат – државна матура во случај да сакаат да го продолжат образованието, училишна матура доколку не го продолжуваат образованието или пак завршен испит за матуранти од стручно образование кои нема да полагаат државна матура. Тие што ќе пријават државна матура треба да ги наведат и предметите што ќе ги полагаат.

Трите екстерни испити од државната матура од учебната 2020/2021 година во јунската сесија ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни. Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини, а новина има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.

Во информацијата која денеска ја пренесе државната агенција МИА се наведува дека првиот екстерен испит е задолжителен – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).

Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска информира дека минатата недела се формирани комисии кои  ќе ги изготват прашањата за испитите од новите два изборни предмета. За да биде во листата на матурски испити, потребно е одреден предмет да се слуша најмалку две години со одреден фонд часови. Информатиката е воведена и затоа што е барана од учениците, бидејќи многу од нив во изминатите години се заинтересирани за факултетите од областа на информатичките технологии.

Претходна вестФатени две лица што краделе во црквата „Св. Недела“ во Катланово
Следна вест62 македонски интелектуалци со отворено писмо: Сето она што го дефинира македонскиот идентитет не смее да биде предмет на расправа на т.н. заеднички комисии