Состојбата во Северозападниот регион полека се стабилизира, нивоата на реките и водотеците во тетовско се во опаѓање и водата се повлекува од местата каде имало излевање. Се расчистуваат патните правци каде што имало појава на одрони, соопшти денеска Центарот за управување со кризи.
Во инфорамицијата за состојбите по регионите во земјава се наведува дека има и благо опаѓање на нивото на река Драгор (околу 20-30 см) во битолскиот регион.
-Во моментот не постои опасност за излевање на реката на местото каде што беше саниран насипот кај пумпната станица на ЈКП „Водовод“ Битола. Од ЈКП „Водовод“ Битола известиле дека во моментот состојбата е во ред, но екипите ќе останат на терен и ќе ја следат состојбата, се наведува во информацијата.
Во текот на денешниот ден ЈП ВОП „Битолско поле“ ќе испрати една градежна машина за расчистување на коритото на Велушка река која беше излеана и ја имаше зафатено живинарската фарма во с.Породин. Сеуште се работи со трите пумпи од ДЗС Битола на исцрпување на водата од халите на фармата и постапката е при крај.
Во општина Крушево заради врнежите од дожд во изминатите денови, дошло до заматување на изворите и се препорачува водата за пиење да се преврива. На подрачјето на опш.Радовиш на регионалниот патен правец Радовиш – Ораовица – Подареш наносниот материјал е остранет, со исклучок на река Сирава на вливот на река Плаваја, каде е оштетен преминот на патниот правец помеѓу селата Подареш и Смиланци кој ќе биде саниран веднаш штом ќе се создадат услови за работа, односно по повлекувањето на водата. Патот е проден само за теренски возила и на овој патен правец можни се одрони и свлечишта како последица од големата влажност на земјата.
Во општина Кичево како последица од врнежите од дожд има излевање на река Треска во нивите покрај течението на реката и заезерување.
-Во кумановскиот регион во општина Ранковце кај с.Ветуница има изместено 2 пропусти а на Ветуничка Река срушен е мостот на регионален пат во с.Ветуница кај м.в.Маркова Куќа. Претставници од општината, ЈП Водостопанство Кумановско Липковско Поле и ПЕ Крива Паланка ќе преземат активности за санирање на штетите после намалување на нивото на водата. Во општина Кратово поради врнежите водата од градскиот водовод е заматена, па поради хлорирање имало прекини во некои делови од градот, информира ЦУК.