Мицкоски: Повлекување на законот за попис или ќе се собираат потписи на граѓани за негово поништување

Владејачкото мнозинство да го повлече законот за попис од собраниската дебата или ќе следува собирање потписи на граѓаните за нов предлог-закон со кој ќе се поништи законот којшто сега е процедура, побара денеска Христијан Мицкоски, лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На прес-конференцијата тој побара околу пописот да се постигне општ консензус во општеството бидејќи тој треба да биде статистичка а не политичка операција каква што се подготвува од страна на владејачкото мнозинство.

-Попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус. Што во овој случај изостана бидејќи во рамките на парламентарната комисиска расправа опозицијата предложи 40-тина амандмани и можете да претпоставите македонска јавност дека ниту еден од тие 40 амандмани не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство туку директорот на ДЗС беше благо укорен од претседавачот на Комисијата, немој да се мешаш затоа што се е веќе договорено, рече Мицкоски.

Тој побара и одложување на пописот за една година по примерот на повеќе држави кои на тоа се решиле поради пандемијата на корона вирусот. Мицкоски укажа и на апсудрни решенија според кои попишувањето е предвидено без покажување на било каков доказ и лична идентификација и со едноставно диктирање на матичниот број, на постоењето на „двоен потпис“ и на вкрстувањето на матичните броеви со базите на податоците кои се уште не се познати, а не е објавена ниту методологија по која ќе се врши попишувањето.

– Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе отпочне иницијатива на собирање потписи во Министерството за правда и како резултат на тоа собирање на потписи и таа иницијатива ќе доставиме предлог закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон кој што по насилен пат се подготвува владејачкото мнозинство да го донесе и за ова повикуваме на масовна мобилизација, нагласи Мицкпски..

Доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на стотици илјади македонски граѓани, додаде тој, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае.

-Идните раководители на институции кои што ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од овој попис немаат намера да ги почитуваат, предупреди лидерот на опозициската партија.

Претходна вестМатичните лекари добија протокол за лекување со Ивермектин, ќе следат и консултации со клинички доктори
Следна вестВо скопските ковид центри има 190 слободни болнички кревети