Комисија од Министерството за здравство ќе ја анализира стручната работа на Општата болница во Струга во случајот со родилката од Дебар Јилдиз Веаповска на која при породувањето и беа извадени три органи.
Комисијата во која има 5 члена, треба најдоцна 8 дена по надзорот до Министерството да достави извештај во кој ќе се констатира состојбата, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита.
Исто така треба да даде и стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пациентот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или пропусти и рокови за нивно отстранување.
Филипче пред неколку дена најави дека случајот на Веаповска не е затворен со извештајот на Лекарската комора, која утрврди дека немало лекарска грешка.