Разбиена добро организирана група која продавала дрога и оружје, меѓу уапсените има и полицаец

По повеќемесечно криминалистичко истражување, во текот на денешниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции спроведоа координирана полициска акција за сузбивање на повеќечлена организирана криминална група, која, според прибраните и документирани докази е формирана со строго утврдена хиерархија и структура и се занимава со продажба на дрога и оружје.

Во текот на денешната акција, извршени се претреси на вкупно 20 локации во Скопје и притоа се одземени материјални докази што ќе бидат испратени на вештачење. Од слобода се лишени 12 лица од 19 до 47 години меѓу кои и една жена и еден полициски службеник, а се трага по три лица кои во моментов се недостапни за органите на прогонот.

Членовите на групата подолг временски период извршуваат кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”.

​ Надлежниот јавен обвинител по добиената кривична пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицата. Воедно побаран е и притвор за сите осомничени лица.

Претходна вестВаучерите за домашен туризам ќе бидат поделени следната недела
Следна вестКривата оди нагоре: Вчера 39 денеска нови 47 заразени, нема починати