Општините мораат да донесат итни мерки во превенирање на идни сообраќајни судири, но и да се фокусираат на долгорочни системски решенија за безбедност на пешаците и велосипедистите, бара граѓанската асоцијација „НаТочак“. Таа испратила допис до Град Скопје и сите скопски општини со предлози за превенција од несреќите во кои најмногу страдаат пешаци и велосипедисти.
-Бараме инфорамција од општините дали нивните заложби опфаќаат ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони. Дали планираат воведување велосипедски патеки/ленти, скратени премини преку коловоз за пешаците, воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот преку стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и слично, се наведува во обраќањето на оваа организација.
НаТочак потенцира дека спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата, истражувањата покажуваат дека состојбата на терен е најдобрата превентива.
-Состојбата и дизајнот на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било. По пример на најразвиените земји, безбедноста на учесниците во сообраќајот треба да биде секогаш фокус на дизајнот на улиците и подобрувањето на уличната околина, а не да ја зема брзината или бесплатното бесправно паркирање во фокус, се наведува во дописот.


