Темен режим Режим на светлина

Ѓорѓиев: Година или две замрзнување на работата на Комисијата не би значело ништо

Во Бугарија постојат Македонци, јас имам пријатели кои се Македонци, а кои живеат во Бугарија, и тоа е факт. На кој начин тоа ќе се надмине, тоа е веќе политичко прашање за кое јас не би сакал да навлегувам, изјави вчера Драги Ѓорѓиев, македонскиот копретседател на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Тој на ТВ „Телма“ додаде дека она што ја боли македонската јавност во однос на тоа прашање е недостатокот на реципроцитет и чувството дека Бугарија го диктира внатрешното уредување на Македонија во контекст на тоа бугарско малцинство овде.

-Наспроти тоа на македонската страна апсолутно не ѝ е дозволено да направи ништо за Македонците во Бугарија, потенцира тој.

Ѓорѓиев рече дека нема ништо против да се замрзне работата на комисијата додека не се релаксира политичката атмосфера во двете држави.

-Доколку во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, јас би бил согласен работата на комисијата да се замрзне. Година, две, да се замрзне работата на комисијата бидејќи повторно е чуството дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата наши во јавноста. Ако навистина се сака да се постигне некаков напредок меѓу Македонија и Бугарија на сите други нивоа, тоа и не би била толку страшна одлука, бидејќи ние 70 години сме во историографски конфликт со Бугарија. Година или две замрзнување на работата на оваа комисија не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе да тргнат другите работи напред, рече Ѓоргиев.

Тој исто така говореше и за споменувањата на евентуалната заедничка историја и истакна дека таа синтагма е употребена и во Договорот за пријателство и добрососедство. Поради тоа што во договорот не е прецизно дефинирана, тоа и дава слобода на бугарската страна да ја толкува со исклучиво етничка содржина.

-Според бугарските колеги заедничка историја значи историја на еден народ, односно на бугарскиот народ од 9 век до 1944 година. Се разбира ние дојдовме во остар конфликт со нив околу тоа, бидејќи ние не го прифаќаме таквото толкување на таа синтагма, рече Ѓоргиев.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Укинати куќните притвори: На Рашковски со гаранција од 192.000 евра, на Вељановски без гаранција

Следна објава

ВМРО-ДПМНЕ: Во Влада, во затворен простор не носат маски – Ковачевски да понесе одговорност