Владата излезе со спасоносен план во борбата со кризата. Испланира дел од државната администрација да работи од дома, со намалени плати, на принцип на ротација…
Синдикатите категорично ги отфрлија ваквите планови, а премиерот Димитар Ковачевски побрза да дообјасни што им била намерата: Таа не била во кратењето на платите и на правата на работнциите туку првенствено ревидирање на менаџерските договори на раководителите на институциите кои ќе треба да воспостават системи и работа од дома со ротација од 30 проценти од вработените, да се намали прекувремената работа, но и намалување на платите на директорите и членовите на управните одбори кои имаат несразмерно високи плати.
Доколку целта е да се направат заштеди во овие државни претпријатија тогаш може ли ротациите и работењето од дома да се примени и на поширокиот круг на државни службеници? Може ли, на пример, и министрите да почнат да ротираат па и тие да работат од дома во еден период?
Еден министер да работи од дома веднаш значи помалку греење на неговата канцеларија која сигурно е поголема од просечен стан во Македонија, ќе биде дома и секретарката, шоферот, советниците… Тоа ќе биде вистинско штедење.
На министрите ќе им се намали платата? Нели имаше предлог на сите директори кои водат претпријатија-загубари да им се намалат платите? Зарем Македонија која ја водат министрите не е загубар кој живее благодарение на кредити?
Премиерот Ковачевски помислил на ова?
Всушност, некои министри може и не треба да работат од дома, туку да си заминат дома.


