Темен режим Режим на светлина

Академик Коцарев: Македонските таканаречени политичари и нивните апологети не научија што значи поимот суверенитет

Нема да има просперитет во Македонија ако државата продолжат да ја водат сервилни, лукративни, манипулативни, самобендисани и неуки луѓе кои себеси се нарекуваат политичари, порача денеска претседателот на МАНУ, Академик Љупчо Коцарев, во обраќањето по повод Одбележување на Денот на Македонската академија на науките и уметностите.

Тој зборуваше за состојбите во МАНУ, но и се осврна на тековната општествена состојба во македонската држава:

-Да се потсетиме дека антоним за потчинетост е сувереност. И по триесет и една година независност, за жал, македонските таканаречени политичари и нивните апологети не научија што значи поимот суверенитет. Дел од суверенитетот на секоја држава, па така и на Македонија, го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи, меѓу кои јазикот, националноста, идентитетот, образовниот систем и да ја негува и развива историската наука. За Македонија е погубно тоа што, за жал, одредени лица, како носители на разни општествено одговорни функции, поради лични, партиски и клиентелистички интереси, регулирањето на македонските прашања поврзани со идентитетот и историјата им го отстапија на надворешните фактори, а пред сѐ, на Грција и на Бугарија, посочи академик Коцарев.

Претседателот на МАНУ истакна дека „само македонските недостоинственици, понизници, среброљупци и властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари, и нивните апологети, се слепи и глуви дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава, Македонија, како и врз Македонците во соседните држави Грција, Бугарија и Албанија, и насекаде каде што Македонците живеат и опстојуваат како народ“.

-Што се однесува на прашањето за интеграцијата во ЕУ, треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста Македонија да стане, во следните 30 години, рамноправна членка на Унијата е многу мала. Постојат повеќе причини за тоа: од бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот што сѐ уште не се дел од Унијата, па сè до противењето на некои нејзини членки да се вклучат нови полноправни членки на ЕУ со право на вето. Зошто во ексклузивното друштво на држави со право на вето, да се примаат нови држави, што во иднина може да ја проблематизираат работата на ЕУ, користејќи го правото на вето? Зошто, на пример, еден граѓанин на кој било град во Европа поголем од Македонија би сакал Македонија да биде членка на ЕУ со право на вето?

Време е, прикривајќи се зад сонот за ЕУ, да престанеме да постапуваме ирационално и неодговорно – на Македонија не ѝ е потребна ЕУ без Македонци, туку демократско општество со стабилен економски раст и развој за сите нејзини граѓани. Наместо да се бориме со ветерници, предлагам да почнеме со градење на просперитетна Македонија, истакна меѓу другото академик Коцарев.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Тешка провокација, велат на протестот; Не сме помислиле да правиме провокација, вели претседателот на клубот во Охрид

Следна објава

И пругата кон Бугарија доби нов датум: Градбата продолжува на 29-ти октомври, а со воз до Софија во 2027-ма година