Државата треба да собере сила и покрај сите контроверзи да најде начин да ги ослободи осудените за 27 април, смета Стојанче Ангелов, лидер на партијата Достоинство, која е дел од владеачката коалиција. Во интервјуто за емисијата „Утрински брифинг“ Ангелов рече дека тоа е потребно и од причина што во земјава веќе се амнестирани оние лица коишто во конфликот во 2001 година правеле тешки злосторства.
-Ние сме амнестирале луѓе со гласање во Собранието за многу тешки кривични дела сторени од УЧК, а според мене тоа зло беше направено за заземање територија. Ние ги амнестираме, ги ослободивме оние коишто ги убивале македонските војници и полицајци, и оние коишто ранија повеќе од 300 македонски бранители… Па како и тоа да беше малку, па ги амнестиравме и оние коишто киднапираа и убија 12 Македонци, оние кои што се оживуваа врз мавровските работници. Правењето на споредба на тие ѕверства со упадот во Собранието е невкусно, рече Ангелов.
Тој рече дека кога се случил упадот во Собранието Македонија беше на раб на граѓанска војна која, за среќа, не се случила.
-Факт е дека никој не загина. Тие што влегоа во Собранието тогаш несвесно го сторија тоа затоа што беа наведени да мислат дека тоа е патриотски чин. Го осудувам чинот во Собранието, најневините завршија во затвор, а инспираторите се на слобода. Затоа повикуваме овие луѓе што се во затвор да бидат амнестирани. Тие се веќе пет години во затвор и се убедени дека ја бранеле државата. Државата треба да најде начин да се ослободат и тука мислам и на васт, на опозиција, на судство. Злото коешто е направено во 2001 година е многу поголемо од она што го направиле луѓето коишто влегле во Собранието, рече Ангелов.



