Австралијанците рекоа „не“ на референдумот: Абориџините нема да влезат во Уставот

Австралијците го отфрлија предлогот да се признаат Абориџините во Уставот и да се формира тело кое ќе го советува парламентот за домородните прашања. Референдумот не успеа, а поразот беше јасен веднаш по затворањето на гласачките места.

По пребројани 45 проценти од гласовите низ целата земја, против промената во Уставот се изјасниле  57,35 проценти од граѓаните кои излегле на референдумот.

Австралиската телевизија Еј-би-си и другите мрежи предвидоа дека најмалку четири сојузни држави – Нов Јужен Велс, Тасманија, Квинсленд и Јужна Австралија – ќе гласаат против измените на 122-годишниот Устав.

За референдумот да успее, најмалку четири од шесте сојузни држави мора да го поддржат предлогот, заедно со мнозинството на национално ниво.

Австралијците мораа да напишат „Да“ или „Не“ на гласачко ливче во кое се прашуваа дали се согласуваат со предлогот, со кој ќе се признаат Абориџините и луѓето од островот Торес преку создавање Домородно советодавно тело „Глас до парламентот“.

‘Скршен сум. Ни треба глас. Ни треба таа структурна промена, рече домородниот водач и истакнат активист за „Да“ Томас Мајо.

Домородните граѓани на Австралија, кои сочинуваат 3,8% од 26 милиони жители на земјата, живеат на таа територија околу 60.000 години, но не се споменати во Уставот и, според повеќето социо-економски мерки, се најзагрозените луѓе во земјата.

Претходна вестПретседателот на ДПМ Христо Петрески ја повлече оставката: Била изнудена поради притсоци, уцени и закани
Следна вестЦрвенковски: Земјите од Западен Балкан да побараат од ЕУ постепена интеграција и пред полноправното членство