Американскиот претседател, Џо Бајден изрази надеж дека договор за прекин на огнот кој ќе стави крај на непријателствата меѓу Израел и Хамас и ќе овозможи ослободување на преостанатите заложници може да стапи на сила до почетокот на следната недела. На новинарско прашање за тоа кога би можело да почне примирјето, челникот на Белата куќа одговори:
– Мојот советник за национална безбедност ми кажа дека сме блиску. Сè уште не сме готови. Се надевам дека ќе имаме прекин на огнот до следниот понеделник, додаде Бајден.
Во тек се преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас за да се овозможи ослободување на заложниците што се држени во Газа од страна на милитантната група во замена Израел да ослободи стотици палестински затвореници.
Предложената шестнеделна пауза во борбите ќе вклучи и дозволување на стотици камиони да ја доставуваат очајно потребната помош во Газа секој ден.
Преговарачите се соочуваат со неофицијален краен рок до почетокот на светиот муслимански месец Рамазан околу 10 март, период во кој често се засилени израелско-палестинските тензии.
– Израел не ја исполни наредбата на највисокиот суд на Обединетите нации за обезбедување итна помош за луѓето во Појасот Газа, објави во понеделникот „Хјуман рајтс воч“, еден месец откако значајната пресуда во Хаг му нареди на Израел да ја ублажи својата војна.