„Чистата“ електрична енергија од малите хидроцентрали низ бројките

32

Малите хидроцентрали (МХЕ) се еден од најдискутираните, силно критикувани, но и најмалку разбраните извори на обновлива енергија. Постојано набљудувани низ црно-белата призма на добро и лошо, ја имаме ли реалната претстава за малите хидроцентрали?

Струјата од обновливи извори на енергија, меѓу кои и од малите хидроцентрали во Македонија е скап производ затоа што ова се извори на зелена енергија. Иако ова е „чиста“ струја од аспект на емисии на загадувачи на животната средина, мали хидроцентрали се мета на силни критики поради влијанието што може да го имаат врз биодиверзитетот во средините каде работат.

МХЕ низ „филтерот“ на бројките

Официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и МЕМО покажуваат дека во 2024 година над стотина мали хидроцентрали испорачале околу 180,7 GWh струја во системот. За таа услуга, како производители со повластени тарифи, наплатиле околу 906 милиони денари или околу 14,7 милиони евра. Ако се споредат просечните исплатени цени на производителите кои имаат повластени тарифи, се доаѓа до заклучокот дека најевтиниот киловат-час електрична енергија произведен од обновливи извори на енергија, е токму оној од малите хидроцентрали. Можеби тоа не е случај секоја година, но лани производството наспроти просечната исплатена цена изгледа вака:

МХЕ со 180,7 GWh исплатена просечна цена – 5,01 ден/kWh
Ветерните централи со 163,2 GWh – 5,48 ден/kWh
Фотоволтаичните централи за 16,8 GWh – 14,38 ден/kWh
Биогасните централи за 38,9 GWh – 11,08 ден/kWh.

Слична е состојбата и во 2023 година кога за еден киловат-час електрична енергија на малите хидроцентрали им е исплатена просечна годишна цена од 4,72 ден/kWh, на ветерните централи – 5,48 ден/kWh, на фотоволтаични централи – 14,32 ден/kWh и на биогасни централи – 10,58 ден/kWh.

Иако се мали и не се доминантна алка во миксот од производители МХЕ се важни затоа што даваат стабилно производство. Односно, можат да придонесат кога ветерниците и фотоволтаиците не можат да одговорат на потрошувачката. Во 2024 година, 55,72 одсто од вкупниот инсталиран капацитет во државата е од обновливи извори на енергија. Од нив уделот на хидроцентралите во инсталираната можност изнесува 24,13%.

Колку враќаат во државниот и општинските буџети?

Малите хидроцентрали плаќаат и концесии и надомест за концесии за користење на вода за производство на електрична енергија. И тоа, според Законот за водите концесискиот надоместок за користење вода за производство на електрична енергија се дели 50:50 меѓу државниот буџет и буџетот на општината на чија територија е концесијата. Висината на годишниот надоместок се пресметува како процент од просечната цена на произведената електрична енергија.

На пример Општина Дебрца за 2024 година наплатила 510 илјади денари надоместок, слично како и општина Демир Хисар, додека Кичево во годишниот Буџет има прилив од 1,8 милиони денари или речиси 30 илјади евра од двете мали хидроцентрали кои работат на нејзината територија. Општина Маврово и Ростуше очекува и годинава да има приход од користењето на водата за производство на електрична енергија од околу 550 илјади денари.

Уште толкав износ е уплатен и на сметката на државниот Буџет.

Проектирани и управувани според современи еколошки стандарди, МХЕ можат да обезбедат локална струја, стабилност на мрежата и приходи за општините.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестКривична за скопјанец за сторено кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија”
Следна вестДождот го изгасна пожарот во „Јасен“