Темен режим Режим на светлина

Дали градбата за еден мегават час во „Чебрен“ ќе чини 3 милиони евра, а во други земји цената е 1,6 милиони?

Најголемиот хидроенергетски проект во Македонија „Чебрен“, што власта упорно турка да се гради избирајки грчка фирма која ќе добие 60-годишна концесија, се уште отвора многу прашања и дилеми.

Дали градбата е прескапо проценета?

На ова предупредуваат енергетските експерти кои ги анализираат деталите од договорот кој е склучен и врз основа на што ќе се гради хидроцентралата со најголема брана во Европа. Експертите укажуваат дека проценката дека грчката фирма ќе треба да инвестира околу милијарда евра за да биде направен проектот е дискутабилен.

Универзитетскиот професор Атанаско Тунески, при настап на ТВ Алфа рече дека пресметките кои лесно се прават покажуваат дека проектот ќе биде мошне скап. Како пример за ова, тој посочува споредбени податоци за тоа колку чинеле градбите на слични брани во други земји во светот.

-Како тоа проектот чини милијарда евра? Нека објаснат како тоа производство на еден мегават час кај нас ќе чини околу три милиони евра кога просечна цена на градбата е 1,6 милиони евра за еден мегават час. Тоа го покажува градењето на браните во Франција, Полска, Португалија, Грција.. каде просечна цена на чинењето е 1,6 милиони евра за мегават час. Брана е брана, нема големи разлики во спецификите на теренот, потенцира Тунески, кој ги повикува владините претставници да објаснат како градењето на една класична хидроелектрана во нашиот случај чини толку скапо.

Тука, при пресметката предвид е земена само инвестицијата од милијарда евра која би требало да ја вложи грчкиот партнер. Но, на ова сума ќе треба да се додаде и вредноста на оние работи кои во проектот ќе ги вложи Македонија како држава преку ЕСМ.

-Нашата држава во овој проект ќе вложи четири крупни работи. Првата е отстапување на ХЕЦ „Тиквеш“ на идната фирма која во наредниве 60 години само од продажбата на нејзината струја ќе може да заработи околу 2,4 милијарди евра. Второто е тоа што нашата страна ќе треба да изгради пристапни патишта до браната, а што е скапо на таквиот терен каков што е кон „Чебрен“. Третото е изградбата на 400-киловатна трафо-станица што, исто така, е скапа работа и четврто е експропријација на земјиштето за браната, наведува Тунески.

Изнесените бројки се фрапантни. Ќе се изјасни Владата по нив?

Ова е само уште една од многуте дилеми кои се отвораат. На ова одговор треба да даде власта пред да го верификува договорот. Македонските интереси треба да бидат заштитени. Не е добро да се остави големо бреме дури и на идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

РК Алкалоид во Нови Сад во нова „европска авантура“

Следна објава

Кисела Вода ќе постави мерна станица за квалитет на воздух во близина на „Цементарница“