На Македонија и требаат нови енергетски капацитети. Со години како идеја за клучен таков проект во државата се споменува, планира и ветува хидроелектраната „Чебрен”.
Секоја влада ја отвора оваа тема, а до сега немаше работа на терен. Сега премиерот Христијан Мицкоски проектот го презентирал и на Светскиот економски форум во Давос, а деновиве за потребите од „Чебрен” зборуваше и министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Ќе се почне ли нешто поконкретно да се прави околу овој проект кој е нужен на Македонија?
Првото прашање кое треба студиозно да се одговори е дали „Чебрен” ќе биде државен проект или ќе се даде на странски компании. Минатата влада на СДСМ се обиде овој значаен проект да го даде на грчка компанија, но по жестоката реакција од енергетските експерти и опозицијата до тоа не дојде.
Уште тогаш се редеа аргументи дека Mакедонија може и мора да најде пари за овој скап проект, а и дека е важно „Чебрен” да е во државна сопственост со што би се зајакнала и енергетската независност на државата. Владата треба пред се да размислува во овој правец, а во меѓувреме да штеди на непродуктивни трошења на народните пари.