Одлука за формирање две нови национални установи од областа на културата кои ги афирмираат личностите и настаните поврзани со Илинденскиот период и со македонската државност донесе Владата, информираат од Министерството за култура.
Традиционалните активности со кои се слави слободата, победата, борбата и жедтта на македонскиот народ и сите други народи кои живеат во земјава за слободна, независна и демократска држава, „Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе функционираат преку целата година како национални установи.
Иницијативата за основање на установата „Десет дена Крушевска Република“ е со цел поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Македонија. Националната установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево, ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски Музеј – Крушево, што е во сопственост на Република Македонија.
Иницијативите се поднесени од Министерството за култура каде што е предвидено Национална установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар да ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. А ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Република Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.
Новите национални установи според досегашната нивно постоење и програмски содржини, продолжуваат да дејствуваат во духот на афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.




