Со 62 гласа за и без присуство на опозицијата во македонскиот парламент синоќа е усвоен Буџетот за 2021 година со кој е предвидено да се потрошат 247,5 милијарди денари, односно нешто над 4 милијарди евра. Пред самиот чин на гласање, на пратениците од владејачкото мнозинство во последен момент им се придружија три пратеници кои претходно беа отсутни за да се постигне потребниот кворум за гласање, откако опозицијата ја напушти салата.
Вкупните приходи на Буџетот на Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3% повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9 проценти, или скоро двојно пониско во однос на оваа година.
-Ова е првиот среднорочен буџет кој се носи во земјата и ќе биде насочен кон заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19 и поставување на основи за забрзан економски раст во следниот период. Буџетот има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2 отсто повисоки од актуелниот буџет. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на Ковид-кризата доколку има потреба, рече министерот за финасии Фатмир Бесими.
Наспроти ова од опшозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Буџетот е расипнички.
-Расипнички се крадат парите на граѓаните со овој Буџет. Во 2021 година со коронакризата Владата очекува од даноци да собере повеќе пари од 2019-та година кога немаше корона криза. Вака проектираните даночни приходи се на ниво од една милијарда и 918 милиони евра, споредно со една милијарда и 898 милиони евра во 2019-та година. Не слушнавме дебата на што го темели Владата овој оптимизам. Како е возможно во кризна година да очекуваат да соберат повеќе пари од 2019-та година кога немаше криза ниту во Македонија, ниту во светот, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Пратеникот на Левица Димитар Апасиев на својот фејсбук-профил напиша дека гласањето било неуставно затоа што за Буџетот гласал и новоизбраниот градоначаник на Штип што, според него, не е уставно.
-Новиот градоначалник на Штип го гласаше Буџетот за 2021 како пратеник!? Уставот не дава, ама Таљат дава, напиша Апасиев.