Претседателот на „Достоинство” Стојанче Ангелов денеска до Собранието достави Предлог закон за измена и дополнување на постоечкиот Закон за бранители, со кој треба да се обезбеди обесштетување на 15-тина семејства на загинатите бранители од 2001 година како и на воени инвалиди кои останале необештетни. Со овој закон, како што рече, бараат по 70 илјади евра надомест на нематеријална штета за семејствата на загинатите кои уште не се обесштетени и по 50 илјади за сто процентен воен инвалидитет.
Тој очекува пратениците да дадат поддршка и повика истиот да се стави на дневен ред и да се изгласа по скратена постапка, a доколку иницијативата биде отфрлена, ќе ја напуштат владината коалиција.
– Дел од семејствата на загинатите бранители од 2001 година, конкретно 15-тина семејства, како и десетина воени инвалиди до ден денес останаа необештетени.
Овој Предлог закон нуди решенија на овој проблем, користејќи ја формулата која што е применета од страна на Владата на Никола Груевски за време на терористичкиот акт во Диво Насеље, изјави денеска Ангелов.
Во овој момент, како што додаде, според податоците постојат само четири воени инвалиди кои не се обештетени.
Тој ги повика пратениците од македонски политички блок во Собранието да дадат поддршка, односно да се потпишат за овој Предлог закон да влезе во собраниска процедура.
– Бараме што поголем број пратеници и од позицијата и од oпозицијата да се потпишат на нашиот Предлог закон. Очекувам од ВМРО-ДПМНЕ да дадат целосна поддршка на нашата иницијатива. Ние имаме отворена поддршка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но очекувам поддршка и од владина коалиција. Очекувам претседателот на Собранието итно да го донесе на дневен ред овој предлог, рече Ангелов.
Тој потсети дека минатиот декември до Владата поднеле иницијатива за надминување на овој проблем, со која што нудат решение за обесштетување на 15 семејства и воени инвалиди, но до ден денес оваа инцијатива уште не е разгледана.
– Од разговорите кои ги имав со премиерот Димитар Ковачевски во текот на годината, од него добивме поддршка, а поддршка имаме и од клучните министри за одбрана и внатрешни работи. За жал, проблемот е во политичката партија ДУИ која во Владата во овој момент не дава поддршка на оваа иницијатива, иако на една од коалициските средби лидерот на ДУИ Али Ахмети најави дека ќе се најде решение, рече Ангелов.
Тој потенцира дека доколку иницијативата биде отфрлена, ќе ја напуштат владината коалиција.




