Темен режим Режим на светлина

Крмов го репнаа 9.600 евра за скршените монитор и микрофон, не се кажа по колку поединечно тие се проценети?

Вкупно 9.600 евра ќе треба да плати пратеникот од „Левица“ Борислав Крмов за неодамнешното кршење на монитор и микрофон на пултот на претседателот на Собранието, на собраниската седница за новиот Деловник. Ова денеска го соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери на средба на новинарите откако беше прашан дали за овој инцидент некој ќе биде казнет. Џафери објасни дека во тоа била вклучена и амортизација. Претходно, МВР изврши увид, а штетата ја проценувала собраниската комисија, осигурителна компанија и Биро за вештачење.

Парламентарниот спикер не соопшти детално на колку е проценет скршениот монитор, а на колку микрофон, и што друго е скршено за да се дојде до вака високата сума.

Ако Крмов не плати за нанесената штета во Собранието Џафери рече дека има законски постапки и процедури.

-За мене обврска е да водам сметка за тоа што е обврска и одговорност на пратениците. Пратеникот има права да располага со средствата тука и да има помош од техниката и од службата,  но тоа не значи дека има права да  крши. Настанот кој што се случи во Собранието е пријавен во МВР и е извршен увид на лице место. Пријавата е дека во Собранието се случува насилство. Ако сметаат дека има елементи на кривично правна одговорност ќе треба да се обратат до обвинителството, вели Џафери.

Минатиот понеделник, револтиран од тоа што Собранието набрзинка ги отфрли многуте амандмани на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борислав Крмов, барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, а ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието. Набргу му се придружи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев.

Подоцна, Крмов, во телевизиско гостување, рече дека сметката може да му биде пратена и оти тој ќе ја плати, но според него штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија и се газеа амандмани на пратеник – е неповратна.

По инцидентот лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев изјави дека бројни граѓани се јавувале во партијата и биле подготвени да донираат парични средства со цел да се плати штетата.

-Тоа е тој НАРОДЕН ДУХ шо никој не може да го погази, напиша Апасиев.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

„Достоинство“ со предлог закон: По 70 илјади евра надомест за семејствата на загинатите бранители

Следна објава
Пак запалено возило во Скопје, во Чаир изгорело Ауди

Тешко повредена малолетеничка во близина на училиште