Неподвижен или тешко болен возрасен член на семејството е тежок предизвик со кој денес се соочуваат многу фамилии во Македонија. Проблемот дополнително се продлабочува поради недостигот на јавни капацитети за долготрајна нега.
Во целата држава постојат само пет јавни домови за стари болни лица – четири надвор од Скопје под надлежност на општините и само еден државен во главниот град, со вкупен капацитет од околу 650 легла. Тие капацитети се исполнети, а на листите за сместување има повеќе од 1.000 лица и чекањето може да трае со години.
Во тој период семејствата се соочуваат со тежок избор – дали некој ќе мора да ја напушти работата и секојдневните обврски за да се грижи за болниот член, или ќе побараат решение во приватните домови. А таму места има, бидејќи низ земјата функционираат околу 40 приватни установи, но цената е висока – од 40.000 денари месечно па нагоре.
Потребно е итно решение – изградба на нови јавни домови или проширување на постојните капацитети или пак, субвенционирање на сместување во приватните установи за оние што не можат да го поднесат финансискиот товар.
Нашите сограѓани, кои цел живот работеле и плаќале за здравствена и социјална заштита, заслужуваат нега и достоинствена и мирна старост.






