Помина 1 Мај. Работникот во Македонија славеше, протестираше, заборави на денот… секој со своите навики и мисли.
Власта имаше една мисла – дека многу се бори за правата и положбата на работниците. Голема почит кон трудот на работниците искажуваат вчера и Претседателот на државата, и премиерот, и претседателот на парламентот, и министри
-Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила. Изразувам огромна почит кон сите кои со својот труд обезбедуваат стимул и развој на нашата држава, порача во првомајската порака премиерот Димитар Ковачевски.
А сега по празникот – назад во реалноста: Започна нов месец во кој истите тие политичари треба да добијат и плати поголеми за 78 проценти, согласно на неодамнешната одлука на Уставниот суд. Каква плата ќе добијат работниците?
Од денеска, на сметките на сите оние функционери на коишто платите им се пресметуваат со примената на коефицинети, треба да легне и покачувањето. Медиумите уште вчера пресметаа дека со зголемувањето, собранискиот спикер ќе биде политичарот со највисока плата од 166.000 денари, 1500 денари повеќе од шефот на државата поради минат труд. Месечната плата на премиерот Ковачевски ќе изнесува 156.000 денари или повеќе од 2500 евра. На сметките на вицепремиерите, пак, ќе легнат суми од 122.000 до 129.000 денари… Или, во просек по околу 2.000 денари дневно!?
Но, за тоа политичарите вчера не кажаа ниту збор. Синдикалците кажаа дека е недостојно работниците да добиваат зголемување од 2.000 денари месечно, а политичарите толку да добиваат дневно.
Уште се чека законот со којшто се најавува воведување на ред со платите на функционерите. Се пишуваат законските одредби и којзнае кога ќе биде направена првичната верзија. Па втора верзија, па расправа, па… месеци ќе течат, платите високи исто така.
Премиерот Ковачевски со месеци најавува дека не е во ред секретарка во државни акционерски друштва да има поголема плата од шефот на државата, но на тоа никако да му се стави крај. А кога ќе се стави крај на фактот дека работникот е незаштитен, а баш тој го полни буџетот од кој функционерите си делат големи плати…


