Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, денеска одржа редовна координација со координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието, на чиј дневен ред било и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието.
– Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста, се вели во соопштението од координација во Собранието.
Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, според соопштението, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.
Претходно, владеачка партија СДСМ соопшти дека ќе остави пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да одлучат на која комисија сакаат и кога сакаат да биде разгледуван Договорот со „Бехтел и Енка“.
-Нашиот став на координација е пратениците на ВМРО ДПМНЕ да одлучат каде сакаат, односно на која комисија сакаат и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат тоа да биде побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата, рече координаторот Јован Митрески.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, денеска преку објава на својот Фејсбук профил објави дека владеачкото мнозинство денеска ќе се обиде на координација да наоѓа изговори како пратениците да не го добијат Договорот со „Бехтел и Енка“.
-Во Собранието денеска владеачкото мнозинство ќе се обиде на координација да наоѓа изговори како пратениците да не го добијат коруптивниот Договор за прескапите автопати и на која Комисија би требало да се разгледува. Иако за втората тема нема дилеми, Комисијата за транспорт е надлежното работно тело кое разгледува материјали за изградба на инвестициони објекти во транспортот и патниот сообраќај. Секоја друга импровизација ќе биде само уште еден обид овој Договор да се држи во тајност, вели Милошоски.



