Драги наши сонародници, повикуваме на Семакедонско помирување и обединување. Посакуваме договори за траен мир и добрососедство со сите соседни држави и нудиме македонско помирување со сите соседни народи, но врз меѓународниот принцип на суверена еднаквост, порача денеска Тодор Петров на Семакедонската средба во Трново, битолско. И годинава традиционална средба се одржа во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот Македонски конгрес и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН.
-И покрај сите разлики помеѓу нас Македонците по род, по државјанство од сите делови на Македонија во светот, во татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител. Само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија не има, без Македонија сите заедно ќе не снема, рече Петров.
На сребата се порача и тоа дека втори август е национален празник на Македонија и Македонците и затоа се отфрла нова политичка историја за Македонија и Македонците.
-Илинденското востание било, е, и ќе остане Македонско востание и ништо друго. Отсекогаш и засекогаш. Гоце Делчев бил и ќе остане Македонец и само Македонец и ништо друго. Затоа отфрламе било какво заедничко македонско бугарско чествување на Илинден, беше кажано на средбата.
Се бара и безусловно еднострано раскинување на Договорите со Атина и Софија и безусловно распуштање на Комисиите со Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја.
-Посакуваме договори за траен мир и добрососедство со сите соседни држави и нудиме македонско помирување со сите соседни народи, но врз меѓународниот принцип на суверена еднаквост, беше речено на Семакедонската средба во потпелистерското село Трново.




