Главна работа што ни преостана е да се смени Уставот; Приоритет број еден е Уставот да се смени, Само уште Уставот да се смени и влегуваме во рајската ЕУ, Ајде сите здружено да го смениме Уставот… Ова се рефрените кои веќе со месеци ги пеат македонските владеачки функционери. Само таа песна ли ќе им биде хит? Во Македонија нема ли други приоритети за вака силно власта да лобира, работи, објаснува, притиска…?
Засега се гледа дека главната фиксација на владата на ДУИ и СДСМ е како да се дојде до гласовите на 80 пратеници колку што се потребни за да се изгласа уставна промена.
-Што побрзо ги комплетираме уставните измени и постигнеме консензус, тоа побрзо ќе се движиме напред, изјави и во понеделникот вицепремиерот за Бојан Маричиќ.
Во последно време за промена на Уставот зборуваат и многу дипломати. Едноставно заедно со власта стануваат хор кој пее секој ден ист рефрен. Добро, но толку ли Македонија напредуваше во се друго што сега станува важно само уште Уставот да се смени? Никој не гледа ли дека во земјава има разорна инфлација, дека економијата колабира, дека храната е се поскапа, дека корупцијата е разорна, дека има големи скандали секој ден, населението се иселува…?
-Промената на Уставот стана доминантна, но е наметната тема. Кога нема резултати, кога нема добра плата, кога нема фабрики, нема болници, нема изградени патишта мора тоа да се покрие со промена на Устав, со отварање на бугарските центри, со тепачката во Охрид, и други глупости, ни вели граѓанинот Ицко Ацески.
Зјапаат во Уставот, па не видоа поголеми проблеми
А што всушност се работите кои треба да ја мобилизираат Владата? Лани Македонија доживеа најголема годишна инфлација од 14,2 проценти при што само во декември беше 18,7 отсто, а што е најголема во регионот. Со таква инфлација се обезвреднија и платите: просечната ноемвриска плата од 33.011 денари (535 евра) сега вреди колку 27.600 денари лани, односно за 5.400 денари помалку. За жал скоро половина милион луѓе во земјава живеат на работ на сиромаштија.
-Најитно треба да се намалат цените на се. Народот нема леб да јаде. А Уставот може да почека. А и кога Бугарите ќе ги внесат Македонците од Пиринска Македонија, тогаш и ние ќе го внесеме Бугарите во нашиот Устав, смета граѓанинот Ицко Ацески.
Друг приоритет кој Владата не го виде оти „зјапа“ само во Уставот? Оние кои не сакаат да живеат во сиромаштија и кои можат бегаат во странство: анкетите покажуваат дека дури деведесет проценти од младите луѓе кои се во Македонија сакаат да се иселат!? Корупцијата и лошиот здравствен систем се исто така заборавени и не се рефрен кој министрите често го пеат. Болни со денови молат или протестираат за посовремени лекови. Патем, позитивната листа на лекови не е сменета веќе тринаесет години. Решение, се разбира, нема. Лошо е и во образованието: започнаа на брзина реформи, а сега на виделина излегуваат големи грешки во учебниците од кои учениците дознаваат дека „Моне Еверест е висок цели 29.031 метар“, дека… и по што е прашање што да се прави со ваквите отпечатени учебници?
-Сменетиот Устав ќе донесе ли нови лекови или подобро образование, ќе ја победи ли инфлацијата? Нас тоа ни треба најитно и за тоа сега треба да се мобилизираат сите политички сили. За се друго има време, ние со децении ја чекавме ЕУ да ни даде датум, може да почекаме и ние и тие во Брисел уште некој месец околу Уставот за да прво ги оправиме работите во Македонија кои се важни за населението, ни вели Марија.
Приоритети се да не се краде, да нема непотизам…
Голем дел од граѓаните негодуваат зошто Власта на „ура“ сака да смени Устав, а не објаснува кои се можните негативните последици од тоа „ќе има ли нови уцени од Бугарија, ќе има ли нови вета“. Воедно ги револтира и како што велат „ властите тераат пропаганда дека изградиле 1.300 километри патишта, а нив никаде ги нема и плус ни велат еден е патот до ЕУ – преку смена на Уставот“.
-Зошто воопшто треба да се зборува за промена на Уставот. Тоа е желба на власта и народот не го поддржува тоа. Приоритети треба да ни се, да престане да се краде, да не се лаже народот, да не се вработува администрација која служи како гласачко тело на дадената партија, да престане злоупотребата на функција на политичарите. Има многу социјални проблеми – 200.000 пензионери живеат со 10.000 денари месечно, не знам колку фамилии живеат со 100 денари дневно. Власта нека се фати да работи. Не може граѓаните да се лекуваат преку смс-пораки, да не мора да фаќаат врски за да ги лекува подобар доктор, порачува Сања Спанчевска.
Ќе го слушнат ли сето ова во Владата? Сега, пораките за менување на Уставот од СДСМ и ДУИ се надополнуваат и со најавите дека ќе се проширува владиното мнозинство, за постабилно да владеат. А тоа ќе значи почеток на нови договарања околу добивање министерства односно министерски фотелји, директорски места…
– Народот најмногу ги почувствува поскапувањата на струјата и на храната. Рака на срце, 30 години се решаваат проблемите со кризата, инфлацијата, скапотија и никако да ги решат тие проблеми. Според мене, има неколку работи кои треба да ги направиме да опстанеме како народ и држава: одбрана на македонските интереси, отворање фабрики и работни места, поголеми плати и влез во ЕУ, смета граѓанинот Игор Димоски.
Граѓаните кажуваат што очекуваат да се направи. Но, дали и понатаму ќе ги слушат едните те исти рефрени за тоа како Уставот треба да се смени, а за се друго ќе нема рефрени?
Владата не треба силно да запне и околу земјоделието?
Македонија никако да успее да тргне во поголемо земјоделско производство за да се обезбеди поевтина храна, да не мора да зависиме од увозна пченица и други житарици, никако да го зголемиме сточниот фонд. Тоа нема да биде приоритет или Уставот…?
– Поскапувањата се катастрофални, јас веќе ќе се откажам и од земјоделие. Садев компири и одгледував пчели, но сега веќе се е скапо, и ѓубривата и семето, прехраната и лековите за пчелите веќе досегнаа плафон, ни вели Оливер Михајловски.
Може ли Уставот малку да почека?
Зошто толку се брза со промената на Уставот? Официјалното објаснување е дека сега бил „моментумот“ за да отпочнел вистинскиот почеток на преговорите за членство во ЕУ со отворање на поглавја кои ги бара Брисел.
-Сега било вистинско време да започнат преговорите со ЕУ ни вели власта. Па нели не убедуваа дека вистинско време за почеток на преговори беше пред три години кога го сменија името на државата? И што бидна? Затоа од искуство, сега Уставот нели може малку да почека, ние прво да си ја средуваме државата внатре?, ни коментира Владо Е.




