Градската депонија „Дрисла“ е одговрна за неодамнешното загадување на Маркова река крај Скопје, утврдил Државен инспекторат за животна средина. Контролата е направена по претставката на Здружението Младите од Батинци при што прво визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова река со темно кафеава течност, а при надзорот не е почустуван некаков мирис.
Истиот ден од страна на акредитирана лабораторија за животна средина ЕУРОМАК КОНТРОЛ Скопје земени се мостри од повеќе места.
-Согласно Извештајот од лабораториските испитувања некои параметри се во границите на Максимално Дозволените Концентраци, а некои параметри се повисоки од Максимално Дозволените Концентраци и не се во согласност со Правилникот за условите, начинот и граничните вредности на емисија за испуштањето на отпадните води по нивно прочистување, начинот на нивното пресметување имајќи ги во предвид посебните барања за заштита на заштитните зони, соопшти Инспекторатот.
Се додава дека на „Дрисла“ и е понудена спогодба.
-Согласно Законот за животна средина од страна на инспекторот се преземени дејствија согласно утврдените прекршувања на законските одредби. На правното лице понудена е Постапка за спогодување за сторен прекршок кој е казнив согласно Законот за животната средина – член 212-ж став (1) точка 1 во врска со член 20, (Трета Категорија прекршок за кој за средни трговци санкцијата изнесува 110.000-120.000 евра во мкд противвредност).
Доколку записникот за спогодување не биде потпишан од страна на одговорното лице согласно регулативата целиот предмет на 25.9 ќе биде предаден на Суд, Скопје и ќе се бара санкција за правното и одговорното лице во правното лице, соопшти Инспекторатот.





