Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека е забележано подобрување на безбедноста на храната во домовите за стари лица, по спроведените вонредни инспекциски контроли.
Во текот на овој месец биле извршени 39 контроли, при што е утврдено дека само еден дом не бил регистриран како оператор со храна. За него е изречена привремена забрана за работа, парична казна и обврска за регистрација.
Дополнително, кај еден оператор биле констатирани несоодветни хигиенски услови, додека во четири домови не биле спроведени задолжителни здравствени прегледи за вработените.
Инспекторите утврдиле и други неправилности, како нередовно водење евиденција за хигиенски и производствени практики, недостаток на сертификати за обуки, како и пропусти во спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација. За овие недоследности се издадени решенија и опомени, а за дел од операторите и парични казни.
За четири оператори се изречени глоби во вкупна вредност од околу 1.550 евра, а кај еден од нив биле уништени шест килограми небезбедна храна.
Од АХВ посочуваат дека состојбата е значително подобрена во однос на претходните контроли во 2024 година, кога дури 14 домови не биле регистрирани, а биле уништени и 40 килограми небезбедна храна.





