Инженерите поднесоа претставка за концесијата за „Чебрен“ до Уставен суд, Јавно обвинителство, Правобранителство, Антикорупциска комисија…

Претставка за давањето на хидроцентрална „Чебрен“ под концесија до надлежните институции денеска поднесе Здружение на инженери на Република Македонија. Во соопштенито се наведува дека претставката се доставува до Уставен суд, Државно правобранителство,  Државна комисија за спречување на корупцијата, Државен завод за ревизија, Јавно обвинителство и Биро за јавни набавки поднесе Здружение на инженери на Република Македонија.

-Претставката ја поднесовме поради сомневање дека со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река се направени бројни суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци, се наведува во информацијата.

Се додава дека со тоа се загрозуваат суверенитетот, територијалната целина и основите на економските односи определени со Уставот, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за Одбрана.

-Очекуваме надлежните органи да постапат по поднесената претставка и да го замрзнат процесот за потпишување на договор за Јавно-приватно партнерство сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нашиве сомневања, потенцираат од Здружението на инженери.

Ова Здружение досега имаше повеќе реакции со кои укажува дека давањето на ХЕЦ „Чебрен“ е одлука која ќе има долгорочни последици по наша земја. Претставници на ова Здружение проф. д-р Константин Димитров, дипл. инж. (Машински факултет – Скопје), проф. д-р Арсен Арсенов, дипл. инж. (Факултет за електротехника и информациски технологии – Скопје), проф. д-р Атанаско Туневски, дипл. инж. (Машински факултет – Скопје) и проф. д-р Дејан Трајковски, дипл. инж. (Технички факултет – Битола) неодамна организираа и јавна дебата. Тие укажаа дека упорното инсистирање на власта да го потпише договорот со ХЕЦ „Чебрен“ со странска фирма е погрешен потег кој треба да се откаже. Професорите порачаа дека овој проект треба да се реализира во полза на Македонија, а не на штета на граѓаните, и дека „Чебрен и водите мора да бидат македонски“. Освен тоа, нагласија, сите значајни електроенергетски капацитети мора да останат во државна сопственост.

Претходна вестУапсени десетина лица, голема полициска акција утрово во Скопје
Следна вестМенувањето на личните документи станува нехумано и понижувачко, МВР да го одложи ултиматумот