Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Казем Гарибабади порача дека Техеран нема да прифати договор што го третира како „предавање“, туку бара траен прекин на војната, укинување на санкциите и надомест за штетите.
Иран ги претстави своите услови за крај на војната, откако Вашингтон го отфрли последниот ирански одговор на американскиот предлог за примирје. Гарибабади изјави дека барањата на Техеран се „минимални услови“ за сериозен и одржлив договор во согласност со Повелбата на Обединетите нации, а тоа се траен прекин на војната, укинување на санкциите и компензација за воените штети.
Гарибабади оцени дека одбивањето на иранскиот одговор покажува дека проблемот не е во мирот, туку во обидот политичка волја да се наметне преку закани и притисок. „Кога страна што директно учествувала во војна, опсада, санкции и закани со сила го одбива иранскиот одговор само затоа што не е писмо на предавање, станува јасно дека главното прашање не е мирот“, порача тој.
Според иранскиот предлог, Техеран бара крај на воените дејствија, укинување на, како што ги нарекува, „незаконските санкции“, како и надомест за штетите предизвикани од војната. Ројтерс, повикувајќи се на иранската агенција Тасним, објави дека планот бара и запирање на санкциите врз продажбата на иранска нафта во рок од 30 дена, како и отстранување на поморската блокада околу Иран.
Иранскиот став доаѓа во момент кога примирјето меѓу Вашингтон и Техеран е под силен притисок. Претходно американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли иранскиот одговор како неприфатлив, додека надежите за договор ослабнаа поради спорните прашања околу санкциите, Ормутскиот Теснец и безбедноста на пловидбата.





