Ќе бројат чаши вода на министрите или ќе проверуваат како работат со народните пари?

Македонија е високо корумпирана земја. Каде е изворот на корупција? Прави ли власта нешто за таквата појава да се намали?

Вицепремиерот задолжен за борба против корупција Љупчо Николовски вчера се пофали дека на негово барање бил разрешен еден функционер кој имал судир на интереси. По иницијатива која кај него пристигнала од Државната комисија за спречување на корупција Владата донела одлука за разрешување на Ристо Чулаковски. Тој веќе нема да биде член на Управниот одбор, претставник на основачот на  Државниот студентски дом „Кочо Рацин“, Битола. Николовски најави и други постапки со цел да се спречува корупцијата…

За да не увери во решителноста на борбата со корупција и намалување на трошењето народни пари тој деновиве кажа дека „на министрите им ја бројат секоја чаша вода“.

 Колку може да помогне броењето на чашите вода? Колку може да помогне смената на член на Управен одбор во еден обичен студентски дом? Малку, ептен малку.

Корупцијата и злоупотребите на службени должности не се толку во двојните функции во Управни одбори и други органи, или во тоа дали министрите пиеле виски или кисела вода, колку во делењето на тендерите со милионска вредност, давање на дозволи за увози, дозволи за нови згради, грантови од фондови, добивање факултетски дипломи… Таму треба добро да се погледне и преброи. Таму повремено се случуваат недозволените работи.
Треба да се расчистат и досега отворените предмети за делење на грантови, државни набавки… и од минатата и од оваа власт.
Тоа се зоните во кои корупцијата јаде милиони евра пари на граѓаните.
Претходна вестПациент се фрлил од ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ и починал
Следна вестЦрна Гора испраќа тешко болни ковид-пациенти на лекување во Австрија