Ќе најде ли Заев правен основ за да му напише отказ на Пауновски?

Средба со инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во врска со нивната петиција против разрешувањето на директорот на ДПИ Стојко Пауновски денеска ќе ја одржи премиерот Зоран Заев. По ова средба ќе се одржи и седница на Владата на која ќе се одлучува за разрешување на Пауновски. Познато е, „случајот Пауновски“ избувна откако тој не ја спроведе владината одлука за ангажирање вработени според К 5 програмата, согласно со Рамковниот договор, а кои треба да бидат распоредени на работни позиции. Директорот не прифаќа да вработи луѓе без соодветно образование и во поголем број отколку што му треба на Инспекторатот.

Заев вчера изјави дека нема никакви предрасуди во постапувањето и оти ќе ги слушнат сите аргументи, вклучително и на вработените во ДПИ.

-Пауновски бил писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска за преземање на дел од нераспоредените административни службеници. Се работи за добар јавен службеник но нема да дозволам инаетење со претпоставени и неспроведување на законите, изјави вчера Заев.

Наспроти ова, во јавноста има голем број на реакции со кои се бара Пауновски да не биде разрешен бидејќи тој постапувал професионално. Реагираат и многу сопартијци на Заев со барање да не ја уништува демократијата и правичноста. Исто така, правните експерти укажуваа и дека нема основ за негово разрешување.

Претходна вестПопладневното сонце ќе ја искачи температурата до 21 степен
Следна вестКазнети 118 возачи, 8 возеле без возачка дозвола, 43 пребрзо…