За последниве две недели, од почетокот на 2021 година нивото на Преспанското езеро се зголемило за 14 сантиметри и сега е на ниво 842.36. Ова вест на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук ја сподели градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.
– Секторот за животна средина на Општина Ресен, по извршените мерења ме информира дека од почеток на оваа година нивото на Преспанско Езеро се зголеми за 14 см, односно, сегашното ниво е 842.36. Тоа е добра вест, во година кога треба и институционално да започнат голем број активности за спас на нашето езеро, наведе Гошаревски.
На 30 декември 2020 година, водостојот на Преспанското Езеро беше понизок за 1,52 метри во однос на повеќегодишниот просек за тој месец, со што за 50 сантиметри го имаше надминато апсолутниот минимум, покажаа мерењата направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Зголемувањето на нивото, без сомение, е резултат на последните интензивни врнежи кои го зафатиле и преспанскиот регион. Се чини, подобрувањето доаѓа во крајно време откако состојбата со езерото стана загрижувачка. Се уште се чека на некоја од најавените владини мерки за подобрување на состојбата во текот на годинава. За оваа година Владата обезбеди 80 милиони денари за ревитализација на езерото преку акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро.
Се планира излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро да се организираат во фази. Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе биде соработката со соседните земји. Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро.