Некои од институциите во културата не исплатиле плата за јануари, соопшти Синдикатот на културата.
Од таму велат дека овие институции пресметките за плата ги направиле во согласност со последните измени на Законот за работните односи за недела како неработен ден, па како што објаснуваат, Министерството за култура очигледно не знае како да ги процесира.
Другиот дел од институциите, каде што е веќе исплатена платата за јануари, не ги почитувале измените во законот, па така работата на одредени категории вработени, која се одвива во недела, не е исплатена.
Според СКРМ, ова е грубо прекршување на Законот за работните односи од страна на Министерството за култура и дел од институциите.
Поради тоа, итно бараат јавно објаснување од страна на Министерството за култура зошто се прекршува Законот за работните односи и кога и како ќе биде надминат проблемот со недела како неработен ден. Исто така, бараат од Министерството да утврди одговорност кај сите директори на институциите шт го прекршиле Законот за работните односи. Во спротивно, СКРМ ќе почне правни постапки за заштита на правата на вработените во културата.




