Одлуката на Уставниот суд со која се укиниваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Тој објасни дека Владата работи на нов закон за плати
-Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на плати за сите функционери во државата, бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на фунцкинерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулаторни тела, има разни агенции кои пресметуваат плата согласно друга методологија и чии плати на директори, на членови на УО се неколкукратно поголеми од платата на пример пратеник во Собрание и исто Владата веќе работи на изработка заедно со синдикатите преку економско-социјален дијалог на нов општ колективен договор кој ќе ги регулира платите во делот на работниците, рече Ковачевски
Досегашното замрзнување на основицата, како што посочи премиерот, беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставниот суд. Со ова, според него, се потврдува дека Владата останала на своето мислење како и претходно во однос на тоа платите да останат такви какви што се.





