Во рамки на Американската вечер на „Охридско лето“, вечерва сцената на Предворјето на „Света Софија“ актерската екипа на „Lit Moon Theatre Company“ театарот од Санта Барбара, САД, ќе ја игра светската премиера на претставата „Кралот Лир“.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, Шекспир е поставуван од неброени театарски компании, со илјадници верзии, но, неговите дела секогаш се актуелни, му пркосат на времето со своите пораки, идеи, толкувања на човечката природа…
Режисерот Џон Блондел по петти пат е на „Охридско лето“, но, овојпат со светска премиера и меѓународна актерска екипа составена од уметници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија…
-Величината на текстовите на Шекспир се гледа во нивната еластичност, флексибилност…Ние ја скусивме претставата на 90 минути, но, ништо не се изгуби од темите и прашањата во текстот што се однесуваат на човековата психа, тие транцендираат на секоја култура. Прашањето на слепилото при вид, на лојалноста, последиците на стареењето, лошите избори во животот се секогаш актуелни. Посебноста на нашата постаква е токму во тоа што ние сме интернационална екипа, а самата претстава ја подготвувавме токму за Охрид. Таа е во својата основа креирана за „Света Софија, рече режисерот Блондел.
Улогите во претставата ги толкуваат Ирвин Апел, Брајан Харвел, Џејмс Мек Картим, Нина Салинен, Мајкл Бернард, Метју Тавианини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри.
Почетокот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.





