Кромидот, вклучително и неговите делови кои најчесто ги фрламе, содржи значајни хранливи материи корисни за здравјето, покажуваат истражувања на научници од Универзитетот во Мадрид.
Според нивните наоди, надворешниот, сув или потемен слој на кромидот е богат со растителни влакна и флавоноиди. Истовремено, тврдиот коренест дел, кој обично се отстранува при подготовка, содржи сулфурни соединенија и фруктозни полимери, кои исто така имаат позитивно дејство врз организмот.
Научниците препорачуваат кромидот да се користи што е можно повеќе во исхраната, бидејќи е богат со растителни влакна и фенолни соединенија, меѓу кои и кверцетин – моќен антиоксиданс.
Редовното внесување на растителни влакна придонесува за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2, дебелина и дигестивни проблеми. Дополнително, фенолните соединенија имаат заштитна улога и можат да помогнат во намалување на ризикот од одредени малигни заболувања.






