Крушево и Мечкин Камен и годинава ќе бидат централно место на коешто ќе се одбележува најголемиот македонски празник Илинден, годинава во знакот на 120-годишниот јубилеј од кревањето на Илинденското востание. Таму, на народниот собир на Мечкин Камен, во 11.30 часот ќе се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери. Тоа е согласно на принципот на ротација според кој државните раководители секоја година ги менуваат локациите на кои се чествува големиот празник. Сигурно, за утрешното чествување веќе е и подготвена листата на гостите и на делегациите коишто ќе присуствуваат на чествувањето кадешто се водела големата битка. Но, неизвесно е дали таму годинава ќе се појави и делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија?
Лани, на прославата на 119-та годишнина впечатливо беше отсуството на претставници на МПЦ-ОА на чествувањето на Мечкин Камен, кадешто свое обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски. Таму, имаше претставици на верски заедници, на Исламска верска заедница и други, но не и од најголемата верска заедница во Македонија. Тоа не беше случај во годините пред тоа. Зошто тоа се случи, имаше ли намерен бојкот на прославата од македонски црковни достоинственици, никој официјално не објасни од црковните кругови. Во јавноста тоа беше протолкувано како заладување на односите и дистанцирањето на МПЦ-ОА од Владата по реакциите и незадоволството во јавноста коишто тогаш го предизвика прифаќањето на францускиот предлог од страна на Владата.
Дали нешто во меѓувреме се сменило, ќе се види веќе утре. Односно, ќе се види дали на Мечкин Камен ќе се појави некој и кој од македонските црковни достоинственици – архиепископот Стафен или некој друг? Надлежен владика за подрачјето на Крушево, инаку, сега е Јован Вранишкоски, кој ја има титулата на митрополит крушевско – демирхисарски. Лани, достоинственицигте на МПЦ-ОА само се појавија во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ во делегацијата со претседателот на државата Стево Пендаровски каде одржаа и заедничка богослужба со владиците на Српската православна црква. Но, на Мечкин Камен немаше никој.




