Арсенал е првиот финалист во Лига на шампиони, откако во реванш полуфиналето во Лондон го совлада Атлетико Мадрид со 1-0 и со вкупни 2-1 обезбеди пласман во големото финале.
По ремито 1-1 во Шпанија, „топчиите“ ја завршија работата пред своите навивачи. Во израмнето прво полувреме, домашниот тим беше поопасен, а решавачкиот момент дојде во 45. минута. По ударот на Тросар, голманот Јан Облак одби кратко, а Букайо Сака ја искористи шансата и погоди за 1-0.
Во второто полувреме Атлетико Мадрид се обиде да возврати преку Антоан Гризман и Џовани Симеоне, но без успех. На спротивната страна, Виктор Ѓекереш пропушти голема шанса да ја зголеми предноста, но резултатот остана непроменет до крајот.
Со оваа победа, Арсенал по пауза од 20 години повторно ќе игра финале во најелитното европско натпреварување. Единственото финале досега го одигра во 2006 година, кога беше поразен од Барселона.
Противникот на Арсенал во финалето, кое ќе се игра во Будимпешта, ќе биде познат по реваншот меѓу Баерн Минхен и Пари Сен Жермен. Францускиот тим има предност од 5-4 од првиот натпревар.



