Темен режим Режим на светлина

Мицкоски: Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна објави

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука, истакнувајќи ја историската важност на овој датум и неговата улога во градењето на заедничкото општество во Македонија.

Во својата порака, Мицкоски потсети дека 22 ноември е ден со длабока културна и историска симболика, поврзан со Битола и со Конгресот од 1908 година, кога албанската интелигенција го утврдила единствениот стандарден албански алфабет.

„Тоа беше чин со длабоко европско значење – чин на модернизација, образование и отвореност,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека Битолскиот конгрес покажал како силата на едно општество произлегува од знаењето и од вербата во иднината.

Тој подвлече дека Денот на албанската азбука е значаен и за Македонија, земја што ја дефинира како „дом на различности што ја збогатуваат заедничката национална приказна“.

„Албанската заедница со својата култура, јазик и традиции е суштински дел од нашата држава,“ порача премиерот.

Мицкоски истакна дека Владата останува посветена на меѓуетничката доверба и на политики што создаваат простор за достоинствен развој на сите јазици и култури во државата. Најави и продолжување на проектите за инфраструктурен развој, модернизација на училиштата, поддршка на културните институции и дигитализација на јавните услуги.

„Нашата цел е секој граѓанин, во секој дел од државата, да го почувствува напредокот и да знае дека државата стои зад него. Ова не е само политичка обврска, туку морална должност кон идните генерации,“ истакна тој.

Во завршницата од обраќањето, премиерот испрати порака за единство:

„Успехот е наш заеднички проект. Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност, ќе можеме да ја движиме татковината напред.“

Мицкоски на граѓаните им го честиташе Денот на албанската азбука, повикувајќи на продолжување на изградбата на заедничко општество со „почит кон различностите и со јасна визија за иднината“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Иднината треба да ја градиме заедно со младите, рече Викторија Трајков

Следна објава

Приведени четворица пијани возачи, рекорденот на денот имал 2,79 промили алкохол