Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи упати честитка по повод 2 Август – Илинден, истакнувајќи дека овој празник не претставува само историски симбол, туку и темел на македонската државност и идентитет.
Во честитката, Мицкоски нагласи дека Илинден е жив потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава, како и на храброста на генерациите кои се бореле за самостојна и достоинствена Македонија.
-Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност. Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава. На овој ден се сеќаваме на храброста и жртвата на оние кои ја започнаа нашата борба за самостојност и достоинство. Тој стремеж денес е остварен, но не и завршен. Затоа, Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност. Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината, стои во честитката на Мицкоски.
Мицкоски посочи дека Владата е решена да изгради држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со институции кои се на страната на граѓаните. Тој посочи дека оваа генерација политичари има задача да покаже дека може подобро, и увери дека тоа и ќе го направат.
-Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните. Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро. И ќе покаже!
Премиерот порача дека Илинден треба да нè обедини околу идејата за држава што ги надминува поделбите и ја повика јавноста да извлече сила од историјата и да ја претвори во иднина.
-Нека е вечен Илинден! Нека е жива и вечна Македонија!, заврши Мицкоски.



