На Скопје му фали ред и поголема организираност, му фали подобар јавен превоз…

Сакам дa живеам во град без злоба и завист и без криминал, град каде ќе се почитуваат вистинските вредности и резултати на секој граѓанин

Нашиот познат спортист и осумкратен европски шампион во карате Дејан Недев својот роден град го сака со сите убавини и маани.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Најчесто се навраќам на сликите од моето безгрижно детство и дружбата која ја имав со децата од соседството и од Карате клубот Работнички каде што и денес се движам и циркулирам. Израснав во Капиштец и Козле, населби кои беа едни од најубавите и најбезбедните во тоа време. За време на викендите нашите родители не оставаа по цели денови надвор каде игравме пред зграда, а навечер знаевме да се собираме и кај црквичката Св. Јован Крстител каде сум крстен јас, а подоцна и моите две деца Камелија и Тадеј. Скоро секој викенд одевме на Водно и тоа по нашата патека која започнуваше од позади нашата зграда па се до врвот. Како тинејџер се сеќавам и на вечерните излегувања со другарите во дискотеките во градскиот парк (Кабрио, Силекс и Колосеум) како и излегувањата во ГТЦ на кејот на Вардар во дискотеката Мусандра.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Скопје го сакам во целост, имам многу убави спомени од порано и од сега така што Скопје го сакам со сите свои убавини и недостатоци. Скопје секогаш ми недостасува кога ќе заминам на пат на подолг престој во странство, секогаш кога се враќам целиот треперам од возбуда и секој пат кога ќе се вратам Скопје ми е се поубаво и поубаво, само дома си е дома. Единствено што ми смета е нехигиената.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

– И да и не, секогаш може повеќе и подобро. На Скопје му фали ред и поголема организираност во секоја смисла на зборот. Му фали подобар јавен превоз и подобар сообраќаен режим. На Скопје повеќе од потребно му е изградба на метро по принципот на повеќе европски главни градови. Изградбата на метрото сигурно чини многу, но со него засекогаш ќе се реши сообраќаниот хаос и гужвите во градот. Во поглед на спортот сметам дека Град Скопје одвојува многу минимални сретства за подршка и развој на скопските клубови, спортисти и тренери.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

– Мислам дека да, бидејќи повеќе од 30 години бележам врвни спортски резултати како на домашен така и на меѓународен план преставувајќи го на најдобар можен начин мојот матичен скопски клуб, Карате клуб  Работнички, градот Скопје и РС Македонија. Моите сограѓани ме препознаваат и редовно ми честитаат за постигнатите спортски резултати.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Се гордеам со многу работи како: Кејот и шеталиштето на реката Вардар, плоштадот Македонија, турската чаршија, Водно задно со крстот и жичарата, со спортските сали Борис Трајковски и Јане Сандански како и со нашите два спортски карате центри за боречки спортови КК Работнички во Капиштец и КК „Недеви во Кисела Вода.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Скопје треба да се шири плански како сите поголеми европски градови, да се развива и модернизира, потребно е изградба на повеќе катни гаражи, да се прошират и реконструираат помалите и споредни улици, да се направат што повеќе паркови и зелени површини за граѓаните да имаат каде да ги поминуваат квалитетно викендите.

Во какво Скопје сакате да живеете?

– Сакам да живеам во модерно и чисто Скопје полно со зеленило и свеж воздух, град со поголема култура и ред во секој поглед, град во кој сите ние ќе се почитуваме повеќе и ќе ги цениме повеќе сите оние граѓани кои постигнале меѓународни резултати на полето на спортот, културата и уметноста, и го афирмирале градот Скопје и државата на најдобар можен начин во странство. Град без злоба и завист и без криминал.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Недостасува метро, повеќе зеленило, хигиена и свеж воздух, повеќе културни како и спортски настани од европски и светски ранг. Недостасуваат повеќе забавни паркови за деца. А би ги одземал сите оние диви несредени населби и депонии.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Почнаа промените во општините, градиме нова иднина
Следна вестТреба ли во Комисијата за заразни болести да влезат и други доктори?