На Скопје му недостасува граѓанска култура како на граѓаните така и на администрацијата

Она што е загрижувачко се долговите кои градот ги има и кои се натрупуваат секоја година за да во годината на избор за нов градоначалник новиот кандидат се среќава со големи долгови, дубиозни ситуации…, смета Арсовски

 За поранешниот амбасадор, Љупчо Арсовски, многу е лошо што во градот се гледаат одредени интереси на влијателни групи.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Се родив во зграда која и денес постои во центарот на Скопје  до хотелот ,,Македонија“ кој се сруши во земјотресот 1963 година. Нашата зграда ги преживеа тие трагични моменти за градот. Сликите кои како дете ги паметувам вразано за прославите на 1 мај, на 29 ноември, на 25 мај или 13 ноември кога плоштадот Маршал Тито беше исполент со паради, деца и ученици, работни луѓе

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Кога го набљудувам Скопје од Водно, градот распослан од двете страни на Вардар, со широк кеј и неколку сообраќајници или ,,артерии ,,на градот во неколку насоки, го сакам дека ми делува на голем град. Но таа гордост и среќа се губи кога ќе се соочам со сообраќајниот метеж подоцна низ скопските улици. Одеднаш кај мене се јавува револт , тага и гнев. Тогаш си го сакам она мое старо Скопје пред земјотресот.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

– Природно е да има обврска за скопјаните, за жителите, да си подмируваат обврски кон градот и возвратно граѓаните очекуваат да добијат поквалитетен живот во градот. Она што е загрижувачко се долговите кои градот ги има и кои се натрупуваат секоја година за да во годината на избор за нов градоначалник новиот кандидат се среќава со големи долгови, дубиозни ситуации, замрсени и компликувани финансиски и урбани состојби.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

Јас сум од онаа категорија на граѓани коишто си ги исполнува своите обврски кон градот.. Инаку, како прв дипломат на Република Македонија во неколку земји секогаш во подготовките ги посетував тогашните градоначалници на Скопје. Така беше восопоставена соработка на Град Скопје преставуван од тогашниот градоначалник Ристо Пенов со градоначалникот на Атина Димитрис Аврамопулос.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Гордост за мене се големите споменици од НОБ изградени веднаш по војната. Се гордеам со Водно и Скопска Црна Гора и Кучково и Сопиште како делови кои овозможија убаво развивање на градот и бегство од загадувањето и бројни новоградби каде што, за жал, завладеала урбаната мафија.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Доцна е да се размислува за намалување. Тоа самиот живот, начин на управување со градот ќе си го стори своето. Еден главен град на поранешна ЈУ-република имаше специјални закони кои го уредуваа бројот на жители на градот. За таа сметка ги развиваа селата наоколу. Кај нас не можеше да се замисли такво нешто, играа други интереси, лукративини, партиски, верски и сл.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– На градот му недостасува граѓанска култура како на граѓаните така и на општинските администрации вклучително и на градот Скопје. Се гледаат одредени интереси на влијателни групи и при донесување на поедини урбани решенија кои носат само профит заради ефтино земјште и продавање на скап изграден простор. На некои општини кои прават спротивно на правилата би им одзел некои ингеренции кои ке ги преземе надлежно министерство, а таму се вмешани партиите, така се вртиме во круг.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Во Скопје се направени големи промашувања во изградба на објекти покрај Вардар, простори кои можеа да бидат собраќајница покрај река како во Париз, Лондон, Букурешт, Москва… Се направија кич фасади и кич споменици кои пак од друга страна се преплатени, а сега уште повеќе оптоваруваат со поправки и сл. Сакам да живеам во зелено Скопје, во кое ќе се ограничи центарот без автомобили и да има ригорозна контрола и казнување на сите загадувачи.

Претходна вестКазнети 170 возачи во Скопје, 35 за возење под дејство на алкохол
Следна вестЛазаров: Холандија е екстра квалитетна, ќе треба добро да се помачиме