Бројот на смртните случаи од корона вирусот во периодот од 4 до 10 јануари се намалил за 20,4 проценти спореден со претходните седум дена, покажува редовната неделна анализа на Институтот за јавно здравје.
-Во тој период од 24 градови се пријавени 74 смртни случаи, со намалување од 20,4 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 64 лица биле над 60 години, седум лица на возраст од 50-59 години и три лица на возраст од 40-49 години, се наведува во информацијата.
Според извештајот за тие седум дена тестирани се вкупно 13.022 материјали во лабораториите а што е зголемување од 20,8 отсто во однос на минатата недела.
-Регистрирани се 2.471 нови позитивни случаи во 34 градови во државата со зголемување од 6,1 процент во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 1.140. Процентот на позитивни од тестирани во споменатиот период изнесува 19 проценти, информира ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 622. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години – 470, 50-59 години – 455, 30-39 години – 455 и 20-29 години – 330. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 39 и 10-19 години – 100.