Неизвесен натпревар: Која скопска улица прва ќе добие име-Улица на празни дуќани?

Гола внатрешност без каков и да е мебел, надворешни излози облепени со хартија за да не се гледа внатре, помало или поголемо парче хартија на кое пошува „Се издава“, „Се продава“ е честа и незаобиколна слика во централното градско подрачје. Празни дуќани од поголема или помала површина, стојат со месеци, неискористени, ниту од самите сопственици, ниту, пак, од некои кираџии. Тоа е реалната слика за економијата која ни се кажува дека блеска во Македонија.

Неодамна, внимение во јавноста побуди огласот со кој поголем дуќан во Градски трговски центар се издавал бесплатно. Но, и таква понуда не привлекла некој заинтересиран бизнисмен.

Ова, се чини, воопшто не е случајно. Во тоа екипата на „Скопско ехо“ се увери и при обиколката на централното градско подрачје со цел да видиме колку од дуќаните стојат неискористени. Резултатот беше поразителен: најмалку дваесетина дуќани со големи деловни површини во моментот стојат неискористени, празни и без каква и да е намена. А тоа доволно зборува за тоа во колкава криза е бизнсот во градот, во државата.

На булеварот „Свети Климент Охридски“ приземјето на зградата до Европскиот универзитет е речиси целосно празно. Со месеци стојат празни просторите во кој беше познат ресторан, познат фризерски салон…

-Така е одамна, посебно просторот каде порано беше салонот на еден познат скопски фризер.И кај другите простори е исто: се издаваат, но нема кираџии, ни рече еден станар во оваа зграда.

Празен стои и дуќанот во приземјето на зградата кај Домот на градежниците, а на дуќанот кај блсиката крстосница со месеци стои голема реклама дека просторот „Се продава“. Се нуди долго време, но нема купувачи иако би било логишно да се продаде брзо ако економијата блеска оти се работи за строгиот центар на градот.

 Најлоша е ситуацијата во улицата „Никола Вапцаров“ која излегува на главниот плоштад. Иако е реновирана и во добра состојба и по неа поминуваат голем број на граѓани, таа стои со повеќе празни дуќани. Пет-шест големи дуќани се празни веќе долго време.

-Се иселија претходните дуќанџии. Не им се исплатеше веќе да плаќаат кирии, немаа приходи од продажбата, опадна прометот насекаде и не се гледа надеж дека ќе се подобри. Сега, кој знае дали ќе се изнајмат пак. Ова е улица на празни дуќани, ни рече Мира Петровска, продавачка која работи во еден од дуќаните кои тука некако опстојуваат.

Голем натпис „Се издава“ стои и на големиот деловен простор на поранешна популарна скопска продавница „Рекорд“. Цел низ дуќани се празни во приземјето на зградата на поранешна „Пелагонија“ чии излози се на улицата „Димитрие Чупоски“.

Ништо подобра не е глетката и на улицата „Македонија“. Централниот дуќан кај пешачкиот премин е одамна затворен и никој не го закупува. Просторот веќе почнал да пропаѓа и дава неубава слика за централната градска улица. Празни дуќани наоѓаме и подолу кога се движиме кон Старата железничка станица. Улицата има живост смао благодарение на неколкуте кафе-барови кои работат на неа.

-Да не се кафулињата и кладилниците, мислам дека во градот сиот деловен простор би останал празен, резигнирано ни рече еден скопјанец.

Едноставно, во Скопје ја нема сликата која се пренесува на телевизија со прес конференции дека – економијата и платите се во раст.

Претходна вестЗа неносење маска казнети 874 лица
Следна вестТешко повредена малолетна велосипедистка